Обвинителството ќе истражува дали има кривично дело во неработењето на салите на Клиника, пациенти ги преплавија „8-ми Септември“ и „Св. Наум Охридски“
Обвинител проверува дали има кривично дело затоа што хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ не работат повеќе од една недела. Непријатен мирис од вентилацискиот систем, како и доводот на кислород наводно се проблемите поради кои се оперираат само итни пациенти, се засега неофицијалните информации кои циркулираат низ медиумите.
- „Министерството за здравство прати известување до Обвинителството за затворените хируршки сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кое е примено и распоредено кај јавен обвинител. Ќе се преземат дејствија за да се провери дали во настанот воопшто има елементи на кривично дело“ велат од ОЈО.
Од Министерството за здравство една недела молк за причините и дали воопшто е преземено нешто за да се реши проблемот. Министерот за здравство, Илир Демири дури за во понеделник закажа прес конференција, иако пациентите осум дена се препраќаат по други болници доколку лекарите проценат дека не станува збор за итна операција.
Хирурзи од „8-ми септември“ и градска болница за Алфа брифираат дека бројот на оперативни интервенции за пациенти кои им се препраќаат е доста зголемен и се обидуваат да постигнат, иако ова е голем проблем за кој итно мора да се изнајде решение.
Граѓаните во кругот на Клиниката викендов не беа расположени за изјава.
Но велат дека пациенти завршувале во „8-ми септември“ за хируршки зафат. Некои пак сметаат дека миризба се чуствува но, не до степен да биде ставен клуч на салите.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека цела недела никој не испитал од каде доаѓа непријатната миризба и дали станува збор за загадување кое може сериозно да им наштети на пациентите. Тие бараат владејачките партии, во заминување, да дадат одговор наместо да ја префрлаат топката од Здравство кон Јавното обвинителство.
По една недела затворени хируршки сали, заради мирис и нефункционален систем за компримиран воздух, ќе отвориме повеќе дилеми и прашања:
1. Дали е ист системот за компримиран воздух што ги снабдува операциските сали и што ги снабдува кома центарот и КАРИЛ на истата Клиника?
2. Дали Кома центарот и КАРИЛ функционираат и дали пациенти се приклучени на истиот систем за воздух, заради кој пак систем се затворени салите за операции на Трауматологија?
3. Ако системот за компримираниот воздух се користи за пациентите во Кома центарот и КАРИЛ, зошто не би бил добар за операциските сали, и обратно- ако салите се затворени заради системот за воздух, зошто работи кај пациенти во Кома центарот и КАРИЛ?
4. Дали причината за затворање на салите навистина е системот за воздух и климатизацијата, за што цела недела нема зафат за надминување на проблемот или се работи за сосема нешто друго?
5. Дали тоа друго можеби е појава на бактеријата МРСА?
6. Дали има вонредна контрола за хигиена на одделот Траума?
7. Дали брисевите од салите се негативни?
8. Колку е зголемена инфекцијата на оперирани пациенти?
9. Дали има интрахоспитални инфекции кај секој втор пациент на оваа Клиника?
10. Зошто истовремено со ЈО, Здравството не отпочне со решавање на проблемот?
СДС и ДУИ се толку преокупирани со себе и одењето во опозиција, до толку што најфреквентната клиника ја претворија во руина“ рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Неработењето на хируршките сали не беше единствениот хаос на Клиника вчеравечер, немаше ниту вода. Водовод испрати цистерни и пред болницата„Козле“ а околу 5 часот изутрината вода добија и жителите на Сарај.