Обвинителството бара докази за случајот „Рекет во РЕК Битола“, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат – дека им се пред очи

Аферата со обид за изнудување на рекет од битолски бизнисмени од страна на екс директорот на РЕК Битола Ковачевски и братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, како што обвини опозицијата се уште ја тресе јавноста. Она што е симптоматично покрај обидот за изнуда од 250 000 евра од фирмата Рубитон, е и тоа што во пријавата до ОЈО исчезнува делот со Вице  Заев.

Побаравме одговор од Јавното обвинителство, дали е возможно да биде избришано име од пријава, но не добивме конкретен одговор.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапува по известувањето за кое покажувате интерес во онаа форма во која го добил во работа. Доколку некој поседува докази дека известувањето имало поинаква содржина при неговото изготвување, а потоа се направени содржински измени што би значеле извршување на кривично дело фалсификување, како и времето кога тоа е изврпено, потребно е тие докази да ги достави до надлежното обвинителство, велат од ОЈО за Алфа.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Обвинителството треба да утврди кој, зошто и дали фалсификувал пријава, велат мора да има одговорност за рекетарите.

Целиот случај е пријавен во МВР, за што е изготвена и кривична пријава. Еве ја… но истата според нашите информации претрпела измени во ЈО или во МВР, и е изваден делот каде што се спомнува Вице. Кој, зошто и дали го направил тоа и фалсификувал јавна пријава треба да утврди ЈО, исто како што треба да се утврди одговорност за рекетарите. Бидејќи Русковска вели дека не е запознаена, еве шанса да се запознае и да и ја освежиме меморијата. Впрочем ова е тест за обвинителството.

Оттука бараме ЈО да почне да си ја работи работата и веднаш да ги повика Вице Заев, Стојан Чифлигароски, Горан Крстев, Лазе Велковски и Оливер Спасовски,да ја прибави целокупната документација и да постапи согласно закон. Одговорност мора да има, рече Миле Лефков – ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски објави скандал од огрмони размери, кој е само еден од низата на афери кои ги обелодени опозицијата. Сега во главна улога е Вице Заев, како и лица блиски до премиерот. Ковачевски вршел притисок врз „Рубитон“, фирма која регуларно добила тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола,  да отстапи 99 отсто од добиениот бизнис, на компанијата „СВ Инвест“ на Столе Чифлигароски. Кога сопствениците на „Рубитон“, Василев и Радивчев не се согласиле, Ковачевски  им рекол да му дадат 250.000 евра во кеш на братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ, Вице Заев демантираше, а и РЕК Битола.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста