Обвинители покренуваат истрага против „Фејсбук“ поради кршење антимонополски закони

Обвинители од неколку америукански држави покренуваат истрага за тоа дали Фејсбук задушувал конкуренција и корисници изложувал на ризици, објави денеска државната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс.

Истрагата ја води Џејмс, и во неа се вклучени и јавниот обвинител од Колорадо, Флорида, Ајова, Небраска, Северна Каролина, Охајо, Тенеси и округот Колумбија.

Дури и најголемиот социјален медиум во светот мора да го следи законот и да ги почитува потрошувачите, наведува Џејмс во изјавата.

– Горда сум што водам двопартиска коалиција на обхвинители во истрагата дали Фејсбук ја задушил конкуренцијата и ги става во опасност корисниците.

Во изјавата се вели дека истрагата ќе се фокусира на тоа дали „Фејсбук ги загрозува податоците на потрошувачите, го намалува квалитетот на изборот на потрошувачите или ја зголемува цената на рекламирањето“.