Обвинение и кривична пријава за сегашен и поранешен директор – наместо да ги штитат, ги пустошеле шумите
Директорот на Националниот парк “Пелистер”и четворица вработени, обвинети за пустошење на шумата.Во септември и октомври 2023-та во местото викано Голема ливада, бесправно исекле 85 стебла молика и 24 стебла ела во вкупна количина од 168м3.
” ОЈО Битола поднесе oбвинителен предлог против пет физички и правното лице Национален парк “Пелистер“ ,за кривично дело пустошење шума.Поднесено е обвинение и против в.д. директорот кој се товари за кривично дело несовесно работење. Тој бесправно исечените дрвја и друга дрвна маса за која нема доказ дека е сечена согласно закон, ги продавал во име и за сметка на Националниот парк на три правни лица, со што прибавил имотна корист на Национален парк во износ од 1.752.287 денари” – велат ОЈО Битола.
И не се пустошеле само шумите во првиот национален парк во Македонија, Пелистер-за злоупотреба на службената положба и овластување полицијата во ист ден поднесе кривична пријава и против двајца вработени во охридската подружница на Ј.П. “Национални шуми”.Еден од обвинетите е и тогашниот директорот кој во 2023-та дозволил сеча на дрвна маса иако знаел дека не стои во планот за сеча во тековната година.
Ова е уште еден доказ дека пустошењето на шумите е најголемиот организиран еколошки криминал во Македонија.Експертите алармираат дека со децении се врши масовна и неконтролирана експлоатација,на диво се сечат и пустошат шумите,а на терен се врши грабеж .
“Не станува збор за некоја мала количина на дрога која што можете да ја скриете било каде во човечко тело, во бункер и да ја пренесете.Станува збор за огромна количина на дрвна маса,тоа без корупција не може да се направи.Не можете вие да транспортирате огромна количина, тоа се камиони и камиони во прашање, огромен габарит, а никој да не забележи”-вели Марина Малиш Саздовска- профeсор на Факултет за безбедност во Скопје.
Експертите укажуваат дека пустошењето на шумите предизвикува ерозија на земјата и појава на свлечишта, како што пред 9 години се случи во тетовско, кога имаше и жртви.Но кој профитира од коруптивните зделки со стотици илјади метри кубни дрво?
” И тука се остваруваат енормни финансиски сретства кои што понатаму завршуваат и во приватни џебови.Но од анализите кои што јас сум ги правела подолг временски период на економскиот криминал и перењето пари,еден од најголемите проблеми во Македонија токму е шумската мафија”-вели Светлана Николовска-професор на Факултетот за безбедност.
Дрвната маса наретко завршува на Косово,но многу е важно како се доаѓа до таа дрвна маса, како и со какви дозволи се извезува.Експертите сегапредлагаат формирање на посебен оддел во МВР каде инспекторите би се занимавале само со криминалистички истраги на овие кривични дела. Сугерираат и казните во сферата на еколошкиот кримнал кои сега завршуваат со условна осуда и благи парични казни, да бидат поригорозни и да се врши целосна конфискација на имотот со кој располагаат.
Росица Голабоска