Образовни реформи – зошто Власта тера инает со бројните реакции за избрзаност?
Четири дена до рокот за сугестии и критики за концепцијата на најавените образовни реформи, а реакциите и препукувањата во јавноста не стивнуваат. Дали ќе се укинува македонскиот јазик на Филолошкиот Факултет Блаже Конески? Министерката смирува и демантира, а професорката по книжевност Јасна Котеска која го обелодени она што наводно се планирало на факултетот, демантот на Царовска го оцени како ароганција.
Освен што Царовска поддржала ширење лажна вест од портал, нејзиниот твит дополнително покажува ароганција и мешање во автономијата на УКИМ! За овие прашања дискутира УКИМ, а не МОН – напиша Котеска.
Професорката на Филолошкиот факултет гласно говори против концепцијата на министерката за која вели дека е политичка агенда, апелира надлежните да се борат за заштита на науката и образованието. Царовска пак, не сакаше да даде коментар.
Најавените реформи наидоа на голем отпор за кој министерката тврди дека бил само страв од непознатото, а професорите веќе полека почнале да го прифаќаат концептот. Наспроти ова, музички и ликовни педагози, социолози, синдикални организации и сите кои се засегнати од ситуацијата, не само што гласно говореа, туку излегуваат и со аргументи дека реформите се избрзани и може да дадат контра ефект.
Промените во образовниот процес кои за дел од историчарите биле само превез под кој се играат политички игри, за министерката се неопходни и тврди дека постојано одржува средби со стручни лица. Но според тврдењата на претседателот на Независниот синдикат за образовние, Гиевски, работите на терен се поинакви од уверувањата. Иако тие ги бранат правата на просветните работници, на ниеден начин не биле вклучени во креирање на планот, а за возврат на нивните сугестии, добиле само игнорантски однос од надлежните.
Адријана Алексиеска