Образованието оставено на „автопилот“

Ученик заболен од корона може да следи онлајн настава, но ако отсуствува заради било која друга болест не смее. Ова е најновата апсурдна појава за која алармираат родителите на децата од повеќе училишта. Велат дека ако ученикот има обичен грип или пак има закачено друг вирус или бактерија, не смее да посетува онлајн настава туку мора да ги прашува другарчињата по телефон за тоа што се учело и што имаат за домашно. За ова алармира и координаторката на групата „Настава и учебници мора да има“.

Но тоа не е единствениот проблем. Во некои средни училишта во Скопје, како на пример во средното медицинско училиште Панче Караѓозов дури и тие со корона не можат да ја следат наставата онлајн. Министерката за образование Мила Царовска се иззема – вели доколку родителите имаат сознанија дека во одредени училишта не може да се спроведува онлајн настава, тоа да го пријават до надлежните органи.

Медицинското училиште лани цела година имаше онлајн настава – верувам дека и оваа година немаат проблеми. Доколку родителите имаат такви сознанија, апелирам да пријават – срече министерката Царовска.

Родителите се жалат и за уште еден проблем  – покачување на цената која ја плаќаат на полугодие за обезбедување во училиштата – ваков проблем имало во училишта во Скопје, Битола, Велес. Добивале уплатници со баснословни суми.

Има училишта во Скопје кои плаќаат по 750 денари на полугодие за обезбедување. И во Велес родителите плаќаат повисоки цени за обезбедување – иако тоа треба да го плати училиштето, односно општините – изјави Спасевска.

Царовска повторно упати на локалните самоуправи – тие го имале соодветниот одговор зошто родителите да плаќаат повисока цена. Министерството секоја гоидна ги обезбедувало општините со финансии кои се наменети за училиштата, а праксата е општините да ги распределат финансиите.