Објавена нова „бомба“: Заев и Рашковски главна тема на разговор

Зоран Заев и владиниот генерален секретар Драги Рашковски, главна тема на разговор во најновата аудио бомба насловена „Кичеец- Дака 1“, објавена на Јутјуб каналот „лепливи раце“. Според објавувачот, во аудио материјалот ,се слушаат гласовите на Зоран Милески- Кичеец, и на контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака. Тој во разговорот вели дека дал 300.000 евра и 2.000 квадратни метри земјиште. Потврдува и дека имал средби со Заев и Рашковски, како и дека требало финансиски да помогне за референдумот за промена на името на Македонија.

-Јас ги знам тие трикови. Зоран, овде јас дојдов денеска, дали да одам или да не одам. Ако не се чисти односите, ако не се чисти сметките, јас не сакам да влезам во тој бизнис, одма да ти кажам. Тоа ти го кажав и претходниот пат, и секој пат ме доведуваш до свршен чин. Затоа јас сум лут. Да, морам да давам, и сега треба да дадам за референдумот, вели лицето за кое објавувачот тврди дека е Давидовиќ.

Во разговорот лицето за кој објавувачот тврди дека е Кичеец, бара од бизнисменот да оделе на средба кај премиерот.

-Ти си му рекол на Рашковски, кога ќе треба нешто за референдумот, не знам таму што и како, јас сум тука. Тоа мене ми го кажа. Јас нешто ќе помогнам. Јас само ти цитирам, знаеш зошто? Цело време гледам дека си ми нешто лут, јас не знам зошто. И кога ми се јави доле. Кога беше за Албанците, доле во Тетово, јас ти кажав: Дај брат дај да седнеме со нив, дај да седнеме, вели лицето за кое објавувачот тврди дека е Кичеец.

На што лицето за кое објавувачот тврди дека е Давидовиќ одговара дека не сака да оди кај Заев, и да дава уште пари.

-Јас нема да одам, не сакам да одам човече. Се местите еден со друг, за референдум, за овој за оној, вели лицето за кое објавувачот тврди дека е Давидовиќ.

Ова е последната од серијата објавени „бомби“ во последниот период, за функционери од власта. Иако, во речиси сите постојат индиции за сторен криминал, Обвинителството се уште не отвора предмети по допрен глас.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста