Обидот за пуч во ИВЗ се уште без разрешница

Исламската верска заедница е сериозен фактор во државата и затоа очекуваме институциите да расветлат кој имал интерес да создаде внатрешна криза во ИВЗ, зошто токму сега и зошто баш кај оваа верска заедница. Ова во гостување на ТВ Алфа го порача претседателот на Комисијата за верски заедници, Даријан Сотировски. Тој вели дека комисијата нема никаква вмешаност во случувањата во ИВЗ и ги повика обвинителството и судовите да го расчистат случајот.

Обидот за преземање на Исламската верска заедница од страна на Скендер Бузаку, од ИВЗ го карактеризираат како обид за пуч на криминален начин преку фалсификувани документи. Портпаролот на исламската верска заедница вели дека Реисот Сулејман Реџепи и натаму е единствен легитимен поглавар на ИВЗ

„Бузаку стори кривично дело со тоа што ги фалсификуваше документите за наводна оставка на Реисот и измислен избор на ново раководство. Ние доставивме тужба против него до Јавното обвинителство и очекуваме институциите да го расчистат овој криминален акт“, велат од ИВЗ.

Внатрешните превирања во ИВЗ дојдоа во ист период кога Реисетот ги повика муслиманските верници масовно да излезат на вториот круг од изборите и да дадат поддршка за евро-атланските интеграции на земјава. Иако првично, Реисот Реџепи рече дека никој не смее од него да бара тој да повикува на гласање, на крајот се чини дека ИВЗ беше клучен фактор кој испорача илјадници албански гласови за победата на претседателскиот кандидат на СДСМ.

Биљана Божиновска