Oд среда ценовен шок, власта не кажува дали ќе има нови мерки

Утре истекуваат антикризните мерки, а од Владата се уште нема информација за нови.  Се појасно е дека од среда граѓаните ги чека ново поскапување на маслото, лебот, млекото, јајцата и другите производи, барем за разликата во ДДВ-то кое доколку престане да важи мерката за нула проценти ДДВ на основните производи ќе се врати на 5 проценти.

Антикризните мерки предложени од Владата беа усвоени во Собранието во март со што се намали ДДВ-то на основните производи  од 5 на 0 проценти , трговската маржа се ограничи на 5 односно на 10 проценти , и се намали акцзата на горивата.

Иако опозицијата тогаш бараше мерките да траат до крајот на годината, беше изгласано мерките да траат до 31 мај, и на еден ден пред истекот, се уште немаме информација дали ќе продолжат мерките или не. Единствено што е извесно до сега е дека нема да има замрзнување на цените на основните производи поради што тоа можело да го наруши балансот на пазарот.

Престанува да важи и цената за бесцарински увоз на суровини за месната индустрија. Трговците побараа продолжување за 6 месеци , а доколку не се случи тоа најавија поскапување за 15- 20 проценти.  Владата до овој момент нема најава дека размислува на ваков потег.

Со ребалансот на Буџетот, одвоени се дополнителни 76 милиони евра за заштита на граѓаните, но како ќе бидат искористени не се знае, иако од  Министерството за економија доаѓаше најава дека мерки ќе бидат донесени откако ќе се знае сумата со која ресорот економија ќе може да манипулира за нови мерки .

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста