Oсуденик од битолскиот затвор тврди дека во установата затајува здравствената грижа

Тони Митревски е човек кој издржува затворска казна од 11 месеци во битолскиот Затвор за напад врз „службено лице“ и за „движење во полициски час“. За издржување на казната, вели се пријавил сам, иако, според него, пресудата била донесена под сомнителни околности, односно дека имала политичка заднина оти бил член на Здружението на граѓани „Христијанско братство“. Тој е со нарушено здравје и тврди дека во Установата затајувала здравствената грижа за затворениците.   

„Во Затворот има туберколоза и кријаат. Почнав да кашлам пред четири и пол месеци, имам три стентови и четири инфаркти и и’ велам на докторката: – докторке, јас кашлам многу. Ми вели, ами гол шеташ, по кратки панталони, затоа тоа ти се случува. Кога спомнав овде дека ќе ја тужам докторката пред дваесетина дена, ме пуштија во Битола во Болница, а да сум отишол пред три-четири месеци, ова немаше да ми се случи. Ми ги згреши докторката апчињата, се бунев и за тоа“, ни изјави за Алфа, Тони Митревски.

Тони тврди дека во Затворот го имаат истиот однос и кон другите затвореници. Според него, за да не одат лекувањата на товар на државата, Управата ги принудувала да прават прекин на казната и да се лекуваат приватно.

Еве, сега ме тераат прекин да паравам, ме пуштија, додуша од болницата во Битола во Тетово на снимање, или бајпас, или стент да ми стават уште еден..Овие десетина дена ми даваат инфузии… Имам три стентови и четири инфаркти со документација дојдов, плус и шеќер имам… Нема никакво однесување од страна на докторката, не само кон мене, туку кон сите затвореници. Имаме друг затвореник на кого ногата му е цела посинета, кремче му дава, си игра мајтап буквално со нас затворениците“, објаснува Митревски.

Со цел да ги провериме овие тврдења на Митревски, го побаравме директорот на Затворот, Драган Кајевски, кој инаку од неодамна е и актуелен претседател на ОО на СДСМ од Битола. Но, тој кога слушна за што го бараме, само нервозно не’ упати да прашаме во Управата за извршување санкции и веднаш ни го исклучи телефонот. Прашавме и таму, но до овој момент од директорот на Управата, Марјан Спасовски, не добивме никаков одговор на нашата СМС- порака.

Инаку, според последните наши информации, затвореникот Митревски конечно е испратен во Клиничкиот центар во Тетово, со цел понатамошно негово лекување.

Каролина Дурло  

Advertisements

Поврзани вести