Oстра реакција од кабинетот на Иванов за наводите во службената белешка на УБК

Згрозеност од страна на кабинетот на претседателот за содржината на јавно објавеното решение за притвор на Кирил Божиновски каде се цитира буквално иста службена белешка на УБК како и за случајот со Миле Јанакиески.

– На идентичен начин се злоупотребува Претседателот на Република Македонија. Единствената разлика во содржината на цитираната белешка е што во првиот случај се посочува на остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, а во вториот на средба со посредник на Кирил Божиновски. Категорично ги негираме изнесените наводи во службената белешка на УБК и информираме дека ниту е побарана, ниту одржана средба со Кирил Божиновски, ниту со негов посредник. Негираме и дека е остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателот.

Миле Јанакиески и Кирил Божиновски се во притвор со идентични решенија изготвени од Судот. СЈО и Кривичниот совет најверојатно за брзо притворање на двајцата поранешни високи функционери, ги смениле само имињата, додека пак содржината на решенијата е иста. Дополнителна потврда дека се брзало со притворот , е тоа што во решението за Божиновски пишува дека треба да претрпи исправка.
Во содржината на документот од Судот како доказ за барање притвор за поранешниот генерален секретар на Владата е образложено тоа што го пишува и во решението на поранешниот прв човек на транспорт и врски, дека преку посредник барале амнестија од претседателот на државата.

Адвокатката на Јанакиески и Божиновски, Сања Алексиќ вели дека после соопштението на кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, јасно е дека немало никакви посредници и валидни службени белешки на основа на кои судот определи притвор.

-После даденото соопштение од кабинетот на претседателот на Република Македонија, кое што беше објавено во текот на минатиот ден е јасно дека не станува збор за некакви посредници и валидни службени белешки на основа на кои овој суд определи притвор, како на обвинетиот Миле Јанакиески, така и на обвинетиот Кирил Божиновски, изјави Алексиќ.

Веќе се поднесени се жалби за притворот за двајцата и се побарани јавни седници во кои ќе бидат истакната наводите во нив. Според одбраната судот во Стразбур има став дека однесувањето на сообвинети не претставува основ да се определи притвор за некој друг како што е направено во овој случај.

Матеја Петровски