Oд утре почнува процесот на воведување на новото уставно име

Следната недела употребата на името Северна Македонија е задолжителна. Ова го порача денеска заменик министерот за надворешни работи на Грција, Катругалос. И покрај тоа што веќе се е јасно – Грција утре ќе ја испрати вербалната нота со што ќе се потврди ратификацијата на Преспанскиот договор и Протоколот за НАТО. Со овој чекор ќе биде исполнет и последниот предуслов за стапување на сила на Спогодбата која се потпиша на 17 јуни во Нивици.

Официјална Атина очекува уште од утре да се започне со обврските за промена на името – под тоа се подразбира, промена на имињата на институциите, таблите на граничните премини и користење на новото име – ерга омнес.

– Во понеделник ќе биде испратена Вербална нота што ќе информира за ратификацијата на договорот и во продолжение Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји членки што ја признаа под уставното име, така што од сега па натаму признавањето да биде со новото уставно име. И секако, од понеделник започнуваат нејзините обврски, во внатрешноста да фги промени имињата на улиците, на објектите, на документите што го имаат старото име, како што беше договорено,изјави Јоргос Катругалос,алтернативен министер за надворешни работи за грчка АНА-МПА.

Република Северна Македонија, Република е Маќедонисе Вериоре – две во едно – државните институции во исто време ќе станат и северни и двојазични. Сите министерства и државни институции, ќе треба да извршат промена на имињата кои ќе бидат испишани на македонски и албански јазик.

Во меѓувреме сите табли на граничните премини ќе станат северни – на оние пак каде што има 20 отсто албанско население ќе бидат и двојазични

Ќе се менуваат имињата на полицијата, армијата, нивните униформи, назнаки и се што влегува во категоријата со која се започнува веднаш од стапувањето на сила на Преспанскиот Договор

И додека официјално Скопје се подготвува за отпочнување на мерките, закана за можно вето во преговорите со ЕУ, синоќа повторно пристигна од лидерот на грчката опозиција Мицотакис. Убеден дека во следните месеци ќе ја формира новата грчка Влада порача дека ако било потребно ќе ставел вето на Скопје.