Oд денеска на табличките на возилата ќе стои „Северна”

МК од табличките на возилата заминува во историјата. Почнува издавањето на новите регистарски таблички со ознаката „Северна”. Замената на старите регистарски таблички со новите ќе се врши постепено при регистрација на возилата. Денеска во станиците на технички преглед беше раздвижено, но граѓаните се уште не добиле нова табличка за возилото. Велат дека мора да се помират со фактот дека трошокот ќе падне на свој грб.

Новите ознаки први ќе ги добијат автомобилите кои за првпат се регистрираат, или ако старите таблички се изгубени. Сите останати, според правилникот, најдоцна до февруари 2024. ќе мора да направат промена на табличките. За нив ќе треба да платат 1.450 денари со нова сообраќајна книшка.

Од МВР за Алфа велат дека новината стапува на сила четири месеци од влегување во сила на уставните амандмани.

– Согласно насоките на Владата упатени до Министерството за внатрешни работи во Извадокот од Нацрт записникот од 120-тата владина седница од 12.02.2019 согласно која МВР се задолжува да започне со издавање на нови регистарски таблички во рок од четири месеци од влегување во сила на уставните амандмани и Уставниот закон, ја информираме јавноста дека Министерството за внатрешни работи почнува со издавање на регистерски таблички со ознака НМК, велат во писменото соопштение од МВР.

Обврската за замена на табличките на кои е досегашната ознака МК со новата NMK произлегува од Договорот од Преспа со кој се реши спорот за името со Грција. Од стапувањето во сила на Преспанскиот договор, досега се даваа бесплатни налепници со ознаката NMK на граничните премини при влез или излез на возилата од Македонија.

Покрај автомобилите, таблички со NMK ќе имаат и автобусите, камионите, мотоциклите, тракторите, иако некои од овие возила никогаш не излегуваат од земјата. Според правилникот, сите возила ќе мора да имаат регистарски таблички со ознаката NMK најдоцна до февруари 2024 година.

Борис Грујоски