Oдмрзнати цени, поскапо ДДВ за струја – среде лето, власта ги „смрзнува“ граѓаните
Од денеска цените во маркетите и на пазарите се во рацете на производителите. Нема ограничувања, нема државна интервенција. Мерката за замрзнување заврши, а дел од цените делумно веќе поскапеа. Но, не само тоа и струјата која ја трошиме е со повисок данок на додадена вредност. Власта смирува дека шокови немало да има, но граѓаните кои повеќепати се изгореа не веруваат. Никој не посакува, ама пред врата очигледно ни е нов ценовен шок.
Цените се одмрзнаа, дел од основните прехрамбени производи веќе благо поскапеа. Од денеска не важи одлуката за ограничување на трговските маржи која се однесуваше на лебот, шеќерот, маслото, брашното, тестенините, оризот, млекото, како и млечните прозиводи.
Алфа направи обиколка во неколку поголеми маркети и забележа дека кај лебот, млекото и млечните производи има зголемување на цеите. За десетина денари забележавме и поскап зеленчук, посебно доматите кои до сега беа под 100 денари, а сега цената е покачена за 20 денари.
Граѓаните се револтирани дека и претходно цените биле високи, но сега, велат дека ќе бидат уште повисоки. Капак на се е што и струјата која од денеска ќе ја трошиме ќе биде со нова повисока стапка на данок на додадена вредност на 18%. Граѓаните стравуваат од нови шокови:
- И до сега беше скапо, а сега? За што побрзо да ги дадеме и оние малку пари што ни остануваат. Па само 8.000 денари за лекови давам, каде се другите давачки. Изгор е, не знам што да кажам, прескапо е, а од сега Бог нека ни е на помош, реагираат граѓаните пред камерата на Алфа.
Новата цена на струјата, односно поскапото ддв ќе важи во наредните шест месеци. Власта тврди дека ценовни шокови не се очекуваат, а ако требало ќе се интервенирало. Министерот за финансии Фатмир Бесими кој денеска ги собра медиумите за да се пофали со резултатите од проектот Мој ДДВ порача дека ДДВ-то за струјата се враќало онаму каде што му е местото.
- ДДВ-то од денска се враќа на 18%, онаму каде што му е местото. Регулаторот реши за 7,04% да ја намали вкупната цената на електричната енергија во првиот блок, во вториот блок ќе биде поевтина за 4,09%, додека во третиот блок ќе има зголемување за 2,54%, а во четвртиот блок цената ќе биде повисока за 2,42%. Ние ја следиме состојбата, и сметките нема да бидат драстично повисоки, тоа ќе го видите слениот месец на сметките, рече министерот за финансии на прашање на Алфа.
Инаку, ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи важеше до 30 јуни.
Што се однесува на одмрзнатите маржи за лебот, млекото, јајцата и дали ќе има нов ценовен шок, Бесими рече дека мерката ја следат состојбата со цените на суровините и енергенсите на светските берзи, и ако имало потреба, ќе се делувало на време.
И додека кај нас пак, високите цени на храната и енергенсите силно удираат по џебот на граѓаните, власта, нема конкретна стратегија за колку толку да се ублажи ценовниот шок. Освен тоа дека ја следеле состојбата, други конкретни чекори, барем за сега не планираат. Колку за потсетување, Македонија и натаму останува меѓу земјите лидери по сиромаштија во Европа.
Борис Грујоски