Новогодишните празници опасност за нов корона бран

Подготовките за најлудата ноќ во годината носат зголемен ризик за нов корона бран по празниците.Метежите низ кафеаните, моловите, по маркетите, на граничните премини и на аеродромите се опасни – алармираат докторите.Тие велат дека треба да стравуваме од зголемување на бројот на заразени,особено откако пристигна во земјава новиот сој – омикрон.
Професорот Драган Даниловски вели дека омикрон е четирипати позаразен е и помалку опасен, но нема простор за опуштање. Како да се избегне од евентуален нов бран тој смета дека треба што поголем број граѓани да се вакцинираат и со трета доза. Според спацијалистот д-р Злате Мехмедовиќ брзото ширење на оваа мутација и зголемениот број на реинфекции се загрижувачки.

И епидемиологот Олумчев предупредува на поголема внимателност, особено за празниците кога голем дел од граѓаните се собираат масовно и не ги почитуваат препораките.

Бројните предупредувања и препораки од лекарите да се засилат рестрикциите особено за патниците кои доаѓаат од ризични земји за здравствените власти не важат, тие и натаму не гледаат причина за построги мерки во пресрет на новогодишните и божиќните празници.

За разлика од кај нас – во светот голем дел од земјите поради омикрон сојот преку ноќ воведуваат рестрикции и ги откажуваат јавните новогодишни прослави. Во соседна Грција почна да се бара негативен ПЦР тест без разлика на примена антиковид вакцина, негативен тест се бара и за деца над 5 години, а се откажаа и сите јавни новогодшини и божиќни прослави.
Словенија забрани масовни дочеци на Нова година на отворено, но дозволи работа на угостителите до раните утрински часови за оние кои имаат ковид сертификати или негативен тест. Поради страв од ширење на омикрон, Црна Гора на неколку дена пред новата година ги откажа новогодишните настапи на плоштадите.

Германија ги ограничи приватните собири на 10 лица, а одлучи да ги затвори и ноќните клубови.Португалија, пак, нареди баровите и ноќните клубови да се затворат од денеска, а работата од дома е задолжителна до 9 јануари. Холандија веќе воведе ограничувања и најави строго затворање од утре. Во Финска угостителските објекти ќе мора да се затворат во 22 часот, бидејќи се бележи рекорден број на заразени.

Ања Василева

Поврзани вести