Новогодишната ноќ во Прилеп донесе две женски бебиња, а се очекува и третото

Прилепчанката Ивона Смилеска е среќната мајка на првото бебе во Новата 2022 година. Таа, еден час после полноќ, во прилепската Болница на свет донесла здраво женско бебе, тешко три килограми и долго 47 сантиметри. Малото девојче е втора женска рожба во семејството Смилески.
„Многу сум среќна и благодарна од тимот на целата Болница, посебно од докторката Изабела, пресреќна сум што на ваков ден добив втора ќеркичка“, – рече мајката Ивона.
Според дежурната лекарка, гинеколог д-р Изабела Чочева – Талеска, во текот на новогодишната ноќ, во прилепската Болница, освен ова, родено било уште едно женско бебе, а третото било на пат.
„Во Новата година ние на свет донесовме две женски новороденчиња. Честитки до родилките што на свет донесоа здрави, живи бебиња, на пат е и третото, го очекуваме. Првороденото дете е женско дете, второ на мајката по ред, родено во 12ч.55 минути. И мајката и бебето се во одлична кондиција, добри…“ – изјави гинеколог д-р Изабела Чочева – Талеска.
Традиционално, првороденото бебе и неговата мајка, утринава ги посети и градоначалникот Борче Јовчески, кој им подари штедна книшка со 15.000 денари и други пригодни подароци за бебето, пришто истакна дека новородените женски бебиња во Новата 2022 година биле своевиден знак за бериќетна година.
Каролина Дурло