Ново задолжување од 14,6 милиони евра
Владата повторно се задолжи, овој пат за 14,6 милиони евра. Министерството за финансии објави аукција на државни хартии од вредност, односно издаде 12-месечни државни записи без девизна клаузула, но со ниска каматна стапка од 0,5%. Ова е 4-то задолжување од почетокот на годинава и второ во февруари. За разлика од претходните случаи, овој пат утре не достасуваат хартии од вредност, односно нема раздолжување. Во овие два месеци, Владата се задолжи за вкупно 97 милиони евра, а врати неполни 44 милиони евра. Овие задолжувања и раздолжувања се предвидени со буџетот за годинава. Министерството планира нето задолжувањето на домашниот пазар да достигне 200 милиони евра.
Најновите податоци покажуваат дека јавниот долг се зголеми и достигна 48.9% од бруто домашниот производ, односно надмина 5 и пол милијарди евра. Во среднорочната фискална стратегија, Владата си овозможи да продолжи со зголемување на јавниот долг кој до крајот на годината може да достигне 50,4% од БДП.
Аналитичарите често критикуваат дека државата позајмува пари, но не ги троши каде што треба, односно дека тековно троши за исплата на плати во администрацијата, пензии и надоместоци. Во меѓувреме, реализацијата на капиталните инвестиции, односно изградбата на патишта, болници, училишта и други, е недоволна. Во 2018-та таа беше на катастрофално ниво од 65%, додека лани беше нешто подобра, односно достигна 78 отсто од планираното.
Тања Попова