Ново ретерирање на Заев – откако го најави како клучен, сега самитот на ЕУ во Словенија не бил за носење одлуки

Не октомври, туку декември – многупати добиениот датум за почеток на преговори и овој октомври останува само посакувана желба. Оптимистичките изјави, бројните братски прегратки и дипломатските офанзиви на македонските челници и сега пукнаа како надуван балон, оти не постојат шанси да се убеди официјална Софија да ја дигне рампата за македонските интеграции во пресрет на Самитот во среда. По информациите на Ројтерс дека европските челници не размислуваат за проширување, премиерот Заев пак се правда – овој Самит во Словенија не бил за носење одлуки.

А само пред неколку месеци по фијаското со португалското претседателство Заев беше сигурен дека во октомври на самитот во Брдо позитивниот сигнал за Македонија е сигурен. Сега пак ќе ги чекал локалните избори кај нас, ама и тие во Бугарија па потоа најавува и решение за бугарската кочница на интегративниот пат. И додека македонските власти полагаат нови надежи во изборот на новата бугарска влада, техничкиот премиер Стефан Јанев јасно му порака, кој и да дојде на власт, ништо нема да ги промени бугарските ставови.

Европските челници во среда на маса ќе ја стават судбината на шесте земји од Западен Балкан, но нивната поделеност за проширување ни оддалеку не ветува дека ќе биде донесена одлука во корист на земјава. А Словенија која е актуелен претседавач со ЕУ, врши притисок врз унијата за прием на целиот Западен Балкан до 2030 година, непосредно пред самитот на европските лидери закажан за следната недела, на кој треба да се разговара за проширувањето на ЕУ објави „Фајненшл Тајмс“.

Во анализата на британскиот весник се наведува дека во ЕУ постои поделеност околу потребата за проширување, како и за брзината со која треба да се примаат нови членки.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста