Ново одложување на брегзитот? ЕУ одолговлекува додека Џонсон не добие поддршка

На повидок е ново одложување на Брегзит  или не ? Одговорот ќе се знае во текот на неделава.Според лондонскиот весник  „Сандеј Тајмс” Европската Унија ќе го одложи брегзит до февруари 2020 година ако британскиот премиер Борис Џонсон следниве денови не добие поддршка од Парламентот.

„Одложувањето би било со променлив карактер, што значи Британците би можеле да излезат од ЕУ и порано во ноември, декември или јануари, зависно од тоа кога ќе биде ратификуван договорот“, пишува „Сандеј тајмс“.

Во случај Џонсон да се најде во сериозна неволја или пратениците да инсистираат на втор референдум, тогаш земјите од ЕУ предводени од Германија ќе бараат подолго одложување, евентуално до јуни следната година наведува весникот.

Од другастрана, француската министерка за економски прашања Агнес Манија Рунад тврди дека Велика Британија во рок од 10 дена може да ја напушти Европската унија.
Британските пратеници во саботата го одложија гласањето за договорот за брегзит, поради што Џонсон официјално побара одлагање на излегувањето на Велика Британија од ЕУ, при тоа нагласувајќи дека тој лично е против пролонгирање на брегзит.

Ања Василева