Новите табли со „хеленска историја“ не преживеаја ни една ноќ

Александар Македонски, Филип Втори, Аминта Трети и други историски личности од Античка Македонија за власта се Грци, но за граѓаните не. Кратко траеја новите табли со кои македонската Влада се откажува од историските херои од античкиот период на Македонија.

Само еден ден откако преку ноќ беа поставени новите метални табли на кои беше запишано дека и припаѓаат на хеленската историја, пред за Грција спорните споменици, истите преку ноќ завршија неславно, односно во Скопје и Прилеп, се исшкртани и оштетени текстовите на таблите.

-Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историско наследство, стои на таблата.

Дека Македонија ќе се откаже од своите историски херои се знаеше со потпишувањето на договорот со кој Република Македонија замина во историјата и стана Северна. Во членот осум став 2 од спогодбата со Грција, стои дека Македонија ќе ги признае како личности од грчката историја, оние за кои јужниот сосед ќе го побара тоа.

-Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство, пишува во член 8, став 3 од договорот меѓу Македонија и Грција.

Инаку, како дел од договорот со Грција, беа избрусени и шахтите, бидејќи на нив беше сонцето од Кутлеш. Македонија досега ги исполни речиси сите свои обврски од договорот со јужниот сосед. Но нема реципроцитет. Грција изгледа нема намера да го менува називот што го користи за Македонија- Скопје. Ниту на таблите, а дури ниту на сметките за повраток на ДДВ што се добиваат на граница ако пазарите во Солун. На нив стои кратенката РОНМ, односно кратенка од англискиот назив на новото име на Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста