Новите министри со „интересни“ биографии и „необични“ способности

„Потекнува од скромно семејство“, „знае да работи на компјутер“, „уредувал радио драми“ “македонски зборува – ама не течно“, „знае да работи под стрес“. Ден по најавените промени на министерските позиции, во Собранието пристигна и нивните биографии од кои може да се заклучи какви луѓе избрал премиерот Заев за дел од најважните раководни функции во државата.

Садула Дураку кој од Министерството за животна средина преминува во новото Министерство за политички системи освен политичките функции, во работно искуство навел дека работел во две средни училишта во Куманово. Покрај тоа ги познава: Microsoft Word, Microsoft Exel, Microsoft Power Point, Microsoft Outlook и Internet Explorer а во биографијата му пишува и дека има солидни менаџмент особини, способен е за работа во група и за работа под стрес и притоа е комуникативен.

Нов министер за животна средина и екологија ќе биде Насер Нуредини кој навел дека се школувал за меѓународен бизнис во Австрија, Германија и Велика Британија. Во графата за течно зборување кај Нуредини се наведени: албански, англиски, германски и италијански јазик, додека во графата само „зборува“ ги ставил: македонскиот и српско-хрватскиот јазик.

Хусни Исмаили кој треба да го преземе Министерството за култура по професија е доктор по медицина. Зборува албански, македонски, турски, англиски и босански јазик. Навел дека бил уредник на книга, уредник на радио драми и на радио емисии од областа на културата, а бил и организатор на првиот саем на книгата на приватните албански издавачки куќи. Во неговата биографија се наведени и бројни научни трудови од областа на медицината.

Лидерот на ЛДП Горан Милевски, кој ќе го преземе министерството за локална самоуправа пишува дека пред да стане пратеник, бил професор по економски предмети во економското училиште „Јане Сандански“ во Битола, познава MS Office и Internet и знае да зборува англиски.

Во министерството за земјоделство влегува Трајан Димковски, кој досега беше шеф на кабинет на неговиот претходник, Љупчо Николовски. Покрај работата во министерството, во биографијата напишал дека има искуство и работа во Управни одбори и здруженија од областа на земјоделството.

Премиерот Заев пак, се предложи себе си за министер за финансии, а досегашниот министер Драган Тевдовски, ќе му биде советник. Во биографијата на премиерот, освен професионалната кариера, пишува и дека израснал во скромно, земјоделско и традиционално семејство и оти од рана возраст бил вклучен во семејниот земјоделски бизнис. Заев и неговиот брат биле воспитани да бидат вредни луѓе кои никогаш не ги одложуваат обврските и веруваат дека постои решение за секој проблем. Покажува афинитети за математиката а бил опкружен со членови на семејството просперитетни бизнисмени, активни и почитувани во социо-политичката и економската сфера.

Драган Милосављевиќ