Новиот клинички ќе не заборчи најмалку половина милијарда евра

Државата ќе позајми 500 милиони евра од три банки за изградба на новиот Клинички центар, кој ќе биде готов дури за седум години. Колку време пак ќе го враќаме кредитот се уште не се знае, оти, како што информираат за Алфа од министерството за финансии, проценката сè уште не е завршена.

-Постапката е во тек и во интерес на истата, не би изнесувале дополнителни детали. Кога процесот на еваулација ќе заврши, јавноста на најтранспарентен начин ќе биде известена, велат оттаму.

Најавите оти темелите ќе се удрат годинава повеќе не важат. Министерот Филипче сега вели дека изградбата ќе започне догодина. Како што подвлече, на почетокот на август ќе се распише еден тендер и за проект и за изградба и опрема.

Власта сепак не отстапува од идејата со продажба на дел од парцелата која се простира на 200 илјади квадратни метри во најатрактивниот дел од метрополата, на кој моментално се наоѓа комплексот „Мајка Тереза, да се враќа кредитот. Пазарната вредност на оваа парцела може да надмине и 100 милиони евра. Па, постои голема веројатност за краток период „да никнат“ станбени згради на местото на скопските клиники.

Сања Т. Ставров