Нови случаи на вработување на роднини на функционери

Наместо завршница на скандалот со непотизмот, нов бран вработувања. Пратениците од владејачкото мнозинство предничат во вработувањата на свои блиски роднини кои се скрасиле во администрација обвинува опозицијата. Алармираат за четири нови случаи на непотизам. Пратеникот Сашко Атанасов од Василево си вработил дури тројца свои луѓе како наставници и општинари, а неговата колешка од Тетово, пратеничката Татијана Лалчевска ја вработила ќерката во детска градинка.

Од власта пак уверуваат дека почнала борбата со непотизмот. Ама наместо оставки во своите редови, бараат повлекување на административците вработени за време на претходната власт.

Но иако од владејачката партија велат дека ја слушаат јавноста и реагираат, засега беа поднесени само пет оставки од работните места, за кои и Антикорупциска отвори случаи. Единствено имуни на сите реакции од јавноста остануваат пратениците и функционери на ДУИ кои во најголем дел си обезбедиле вработувања за роднините во ЕЛЕМ и МЕПСО.

Антикорупционерите со полни раце работа, треба да утврдат дали постои конфликт на интереси во сите овие вработувања. Оттаму за Алфа брифираат дека се уште немаат добиено никакви документи од институциите за 18-те предмети кои веќе ги отворија. Најавуваат дека неделава ќе имаат нова седница, но не се исклучува можноста да бидат отворени и нови случаи по објавувањето на дополнителните роднински вработувања периодов. Но децидни се дека оставките на блиски роднини на функционери нема да ги затворат отворените истраги за нивното вработување.

Ивана Соколовиќ Најдова