Нови поскапувања допрва следат – популистичките мерки нема да ги решат проблемите

Актуелното поскапување на цените на основните продукти не се должи на зголемувањето на цената на електричната енергија на слободниот пазар, туку таквиот бран на инфлација допрва доаѓа, алармира професорот на Економскиот факултет и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески. Тој во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели оти набавката на електрична енергија по највисоки цени допрва ќе влијае врз растот на цените на пазарите.

„Сега во интерес на вистината да кажам дека барем до сега овој раст на цените што го имавме не се должи на зголемените цени во тој обем на енергенсите, на електричната енергија, затоа што тоа допрва доаѓа, затоа што се најдовме во една незгодна ситуација да набавуваме на дневна основа електрична енергија по највисоки цени и тоа нормално во иднина, со извесно задоцнување ќе има негативен ефект на растот на цените. Од друга страна на растот на цените, тоа мора да го признаеме влијаат и некои мерки кои што беа неопходно во минатото. Минатата година ние имавме значителен пад од над пет проценти на Бруто домашниот производ, рецисија во четири квартали, а со задолжување од надвор се поддржуваа доходите на одредени социјални групи, се делеа плати или субвенции на претпријатијата и таа куповна моќ, сега соочена со помало производство, нормално притиска на цените“, вели професорот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески.

Според Славески, мерката на Владата за замрзнување на цените на основните производи, која ќе биде на сила до 31 јануари следната година, е популистичка и нема да ги реши долгорочните проблеми.

„Слушнавме и од стопанството, од компаниите дека ова е една популистичка мерка, која нема да повлијае на заштита на животниот стандард. Затоа што кога го пригушувате стандардот, особено кога се работи за отстапување на она што се трошоци за производство или набавка, знаеме ние дека во нашата дневна палета на производи што ги користиме, користиме значителен обем на производи кои што се од увоз, тука ние не можеме да влијаеме. Реперкусиите ќе се или недостаток на некои артикли на пазарот со замрзнати цени, сива економија и слично. Ова е една непазарна мерка која треба што побрзо да се напушти, да се влијае на факторите, кои придонеле до таков дисбаланс, до таква дестабилизација“, додава тој.

Во однос на најавената реконструкција на Владата, професорот Славески смета дека новиот владин тим тешко ќе се носи со проблемите поради тешкото наследство на премиерот во заминување Заев, пред се пореди зголемената поларизација во општеството и неспособноста на власта да се справи со здравствената и енергетската криза, што според Славески може да се надмина единствено со предвремени парламентарни избори кои би се одржале во текот на следната година.

Биљана Божиновска