Нови моменти во „Мафија“: Седат Пекер тврди дека бил гостин во домот на Заев

Турскиот нарко бос Седат Пекер бил гостин во домот на македонскиот премиер Зоран Заев. Ова го тврди контроверзниот бизнисмен кој во Македонија има лични документи со туѓо име, односно се вика Џадим Адемовски. Во видеото пораката во која се пресметува со турските власти, кои го гонат за низа тешки кривични дела, вели дека лично го познава премиерот на Македонија, а со весел тон кажува дека му бил и на гости. Потенцира дека не бил протеран од Македонија како персона нон грата, туку бил депортиран бидејќи го пречекорил рокот за престој во државата.
-Јас сум Седат Пекер, го познавам премиер на Македонија, му бев на гости дома, сите други партиски лидери ги познавам. Добив депортирање поради 3 дена прекршување, тоа не можам да го прифатам, вели Пекер.
Откако беше откриена скандалозната афера „Мафија“, на социјалните мрежи се појавија голем број фотографии и видеа, каде се гледа Пекер на средби со лица од владејачката партија, но и со коалициони партнери на СДСМ. Контра тврдењето на турскиот нарко бос дека бил дури и гостин кај Заев, премиерот пред еден месец оправдувајќи ги средбите на неговите сопартијци и коалициони партнери, не ни спомена дека се познава со Седат Пекер.
-Апсолутно никој не можел да знае дали некој е осомничен за нешто, дали некој позадински работел на некакви нелегални пасоши или слично и апсолутно не гледам никаква вина во тоа. Јас сум запознаен дури и кој од колегите од партнерите партии имале средба, на негово барање низ чаршијата или на други места. Но, апсолутно никој не може да каже дека некој има вина поради тоа, заради тоа што нормално е кога некој ќе побара средба, е некој да ја закаже средбата, изјави Заев на осми април.
Во јавноста има големи сомнежи дека во аферата „Мафија“ се вклучени и лица од врвот на власта, сомнежи кои сигурно ќе станат уште поголеми после најновите случувања. Но, засега за давањето на 215 пасоши со туѓ идентитет, на светски криминалци и нарко босови, одговараат само обични службеници од МВР. Седум досега признаа вина, а беа казнети на затворски казни помали од 3 години, како и една условна.
Матеја Петровски