Нови мерки: Забрана за работа по 23 часот, ограничен број на патници во јавниот превоз и работа од дома или во смени за администрацијата

Нов сет мерки предлага Комисијата за заразни болести, ама и оние од пред десетина дена се уште не се имплементирани. Ќе се бара забрана за работа на економските оператори по 23 часот, ограничен број на патници во јавниот превоз на најмногу 50 отсто од капацитетот на автобусите и работа од дома или во смени за државните службеници. За полициски час за сега не се разговара.

„Дополнителни таргетирани мерки би биле во сферата на рестрикции во движење. Дали тоа ќе биде во некои општини каде ќе констатираме дека тоа треба да се направи или на територијата на целата држава, од информациите од случувањата во епидемиолошкиот дел во периодот кој што следи ќе правиме анализи“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Сите мерки кои Комисијата ги предложи до сега ќе мора да ги почекаат измените на Законот за заштита на населението од заразни болести кој власта го „протна“ во Парламентот по скратена постапка. Министерот Филипче очекувал, тој да добие зелено светло до крајот на неделава.

Инаку, Комисијата за заразни болести пред десетина дена и предложи на Владата да се носат маски секаде на отворено, дури и ако пешачите сам, предлог кои наиде на низа критики од стручната јавност. Уште една контроверзна мерка беше онаа за ограничен број на гости во едно домаќинство на најмногу четворица, за што надлежните и сами признаа оти ќе биде тешко да се контролира.

Во меѓувреме, забрзано се полнат болничките капацитети. Близу 500 пациенти со корона вирус се хоспитализирани во болниците низ земјава.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста