Нови бројки, нови пропусти – во црната корона статистика се почесто „исчезнуваат“ починати луѓе

Нови бројки – нови пропусти. Пациенти починати од Ковид 19 повторно не се евидентирани во дневните билтени на Министерството за здравство. Граѓани реагираат оти има низа недоследности во извештаите на надлежното министерство. Градоначалници преку социјалните мрежи се простуваат од свои сограѓани, а надлежните со денови „забораваат“ да ги впишат во дневните статистики.

Ниту вчера, Министерството за здравство не објави за смртта на 38-годишен виничанец, кој битката со вирусот ја изгубил пред 5 дена. Од ПР службата на министерот Филипче, пред два дена ја прекорија редакцијата на Алфа оти за деталите околу починатите пациенти, требало да се обратиме кај нив, а не кај министерот, кој патем по хиерархија е прв човек во институцијата. Па ни образложија дека посоченото лице всушност било од Кочани и ќе влезело во вчерашната статистика, што не се случи. Алфа и денеска одговор побара од службата за односи со јавност, дали се работи за ненамерен пропусти или во прашање е нешто друго?

Уште една недоследност во објавувањето на бројките е и онаа околу смртта на 26 годишно момче од Кавадарци, за што објави и градоначалникот Митко Јанчев. Од МЗ се правдаа оти тој не влегол во евиденцијата бидејќи не бил потврден со ПЦР тест бидејќи смртта кај него настапила кусо откако бил донесен во болница. Направен му бил само брз тест за Ковид – 19.

„Во конкретниот случај, 26 годишното момче кога е хоспитализирано му е направен рапид тест, а истата ноќ во 3 часот наутро поради нагло влошување на состојбата е испратен на Инфективната клиника во Скопје и од таа причина неговиот рапид тест не е потврден со ПЦР“, информираа викендов од Министерството за здравство.

Но, јавноста не заборава оти кај десетици починати пациенти тестовите за корона вирус се правеа и посмртно. Од друга страна пак, доктори специјалисти во повеќе наврати посочуваа оти брзите тестови се со висок степен на точност и оти по нив не е потребно да се прави и молекуларно тестирање.

„Овие тестови се со многу голема точност, дури 99,6 отсто. Доколку брзиот тест покаже позитивен резултат, пациентот нема потреба да прави ПЦР тест. Ако тестот е негативен а пациентот има симптоми ќе мора да направи ПЦР тестирање. Ако брзиот тест испадне негативен, тогаш тој пациент нема корона вирус“, рече доктор Виктор Исјановски од Здравствен дом Скопје, минатата недела кога почна тестирањето со брзите тестови во Поликлиниката Ѓорче Петров.

Преку социјалните мрежи пак граѓани споделуваат лични искуства, како нивни блиски роднини кои биле дијагностицирано со корона вирус ги нема во податоците на МЗ откако починале.

„Точно е, го нема ни татко ми. На 1 ноември почина дома, дијагностициран со Ковид на 24 октомври во Синлаб, , закопан со Ковид протокол. 88 години од Скопје. Го нема во евиденција“, пишува на Фејсбук ќерка на починат од Ковид -19.

Од друга страна, пак, велешанка реагираше дека нејзиниот дедо, кој бил починат од мозочен удар, влегол во дневната статистика на починати од корона вирус во градот Велес.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста