Нови 14 дена вонредна состојба и простор за договор за датум за избори

Одлуката за нова вонредна состојба Пендаровски ја донел поради зголемениот број заразени и починати од корона вирусот, а не поради фактот дека се уште нема договор меѓу политичките партии за избори. Шефот на државата сакал на владата и другите институции да им овозможи да се справат со негативните ефекти од пандемијата. На граѓаните им се заблагодари за дисциплинираното почитување на препоракте. На владата и порача дека треба да се санкционира секое неодговорно однесување, а на лидерите што поскоро да најдат консензус. Разликите меѓу власта и опозицијата биле десетина дена. Но комуникацијата пред два дена прекинала.

“Ако ми е дозволено да шпекулирам без да споменувам имиња и датуми, тие беа во рамки од 10 до 15 дена можеби и поблиску според одредени нивни искажувања затоа што во таа нивна комуникациска размена на мислења се спомнува и неработен ден како можност за гласање, не само недела како што е досега, бидејќи тоа е возможно со промена на закон и со уредба со законска сила може да се гласа и во среда да речеме”, изјави Пендаровски.

На договор повика и спикерот Џафери. Доколку тоа не се случи тој не исклучува институциите да преземат чекори кои се во нивна надлежност. Притоа не кажа дали би распишал избори без договор на лидерска средба.

“Претседателот на Собранието во заминување нема пратенички мандат, да претставува граѓани, бидејќи го вратил тој мандат, но има овластување од Собранието зашто е избран, а никој не го разрешил. Според Уставот претседателот на Собранието ги има сите надлежности да го претстави Собранието до новата конститутивна седница”, рече Џафери.

И премиерот Спасовски смета дека не може вечно Македонија да живее во вонредна сотојба. На државата како што истакна и се потребни функицонални институции.

“Ова би биле 14 дена во кои треба да ги завршиме сите апекти во делот на справувањето со економските последици со здравствената криза, да се продолжи со сите мерки кои ги донесе Владата. Едно треба да ни биде јасно, со пандемијата треба да научиме за живемее”, рече Спасовски.

Опозицијата пак смета дека здравјето на граѓаните треба да биде во прв план. Не преферираат лицитирање со датуми во време кога Македонија брои нови заболени или починати. Иако велат дека се подготвени за избори кога и да се случат.
Вонредната состојба ќе трае 14 дена. Ако е ова последна вонредна состојба и веднаш потоа продолжат да течат изборните рокови од 22 дена тоа значи дека изборите ќе се одржат на петти јули.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста