Нова Влада најдоцна до 15 јануари – Заев и Ковачевски се сретнаа со дел од коалиционите партнери

Најдоцна до 15 јануари ќе имаме нова Влада и нов премиер, се очекува Зоран Заев оставката од премиерската функција да ја достави до крајот на годинава.  Актуелниот премиер со новоизбраниот лидер на Социјалдемократите Димитар Ковачевски денеска одржаа средби со дел од коалиционите партнери. Една изборна единица, отворање на Законот за локална самоуправа, интервенции во изборниот законик – помалите партии ги актуелизираа своите барања. Претседателот на ЛДП и министер за Локална самоуправа Горан Милески, ги откри очекувањата кога најдоцна Македонија би имала нова влада. Ги повтори и барањата на партијата за изборен цензус.

На средбата ги договоривме програмски политики кои се важни за ЛДП во делот на економија, екологија и изборните реформи. Усвоени се нашите барања кои ќе ги афирмираат нашите либерални политики, а тоа се: заокружување на процесот на децентрализација, отворање на законот за локална самоуправа, воведување на моделот на една изборна единица, отворени листи за избор на советници, регулацијата на пазарот на криптовалути, измени во законите за градење и урбанистичко планирање со цел стопирање на урбаниот хаос во градските центри и ставање акцент на хуманото живеење и екологијата. Изградба на нова жичарница на Пелистер и развој на зимскиот туризам. ЛДП укажа дека не отстапува од заложбите на политиката на рамен данок и укинување на парафискалните давачки кои се неданочни обврски за граѓаните. Очекуваме тесна и успешна соработка и градење на политики во интерес на граѓаните во очекување на новиот мандатар на Владата, истакнаа по средбата од раководството на ЛДП.

Дека се потребни промени во Изборниот законик цврсто стојат на ставот и од Демократски сојуз.

Повеќе политички партии, пратеници од парламентарното мнозинство бараат една изборна единица, важно е што ЕУ во Советот на Европа меѓу другите заклучоци инсистира на реформи на Европското законодавство, овде четири политички партии имаат монопол. Тоа треба да се надмине, сите партии треба да имаат исти услови – истакна Павле Трајанов од ДС.

Демократски сојуз бара и ревизија во работењето на сите судии но и вработените во МВР. Ковачевски и Заев се сретнаа и со Тито Петковски од Нова социјалдемократска партија, кој истакнал дека ги поддржуваат барањата од другите помали партии. Утре лидерот на СДСМ и неговиот претходник ќе се сретнат и со претставници на ДОМ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста