Нова Влада кон средината на август, сепак се’ ќе зависи од преговорите

Средината на август е најоптимистичкото сценарио за нова Влада, според уставните рокови. Но со оглед на тесниот резултат, се ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат преговорите за обезбедување мнозинство.

Роковите почнаа да течат. Најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите, треба да се одржи конститутивната седница на македонското собрание, а неа ја свикува, претседателот на претходниот состав, во случајот, Талат Џафери. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието и почнува да тече од конститутивната седница.

По конституирањето на Собранието, после топката се префрла кај претседателот Пендаровски. Тој има рок од 10 дена од конституирањето на Собранието да го додели мандатот за состав на Владата на кандидатот за премиер што ќе обезбеди мнозинство.

Талат Џафери пак, најави дека до крајот на уставниот рок, односно 4 август ќе ја свика конститутивната седница.

– Секако дека во уставно предвидениот рок ќе ја свикам конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Но, денеска прво ќе одам да се тестирам, оти по целата кампања и контакти со многу лица прво треба да проверам дали сум негативен на коронавирусот. Ова ќе го препорачам да го сторат и сите кандидати за пратеници кои освоија мандат. После толку внимавање и преземени мерки за изборите да се одржат во најдобар ред, добро би било пратениците здрави да влезат во Собранието. По ова ќе оставам десетина дена за консулатција со партиите кои освоија пратенички мандати за да се договориме за конститутивната седница. Ќе видиме како ни одговара на сите, бидејќи кон крајот на јули е Курбан Бајрам, а потоа е 2 Август, дали идните пратеници ќе сакаат да ја закажеме конститутивната седница пред или по празниците, изјави Џафери за Плусинфо.

Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

За потсетување во 2016-тата година мандатот за формирање на Влада прво му беше доделен на тогашниот лидер на ВМРо-ДПМНЕ, Груевски. Откако тој не успеа да состави Влада, поранешниот претседател Иванов мандатот му го додели на Зоран Заев, кој пак претходно мораше да даде писмена гаранција за зачувавање на унитарноста на Република Македононија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста