Нова уцена од премиерот: Без Северна Заев нема да ја поддржи резолуцијата за преговорите со Бугарија
СДСМ без Северна ќе го блокира носењето на резолуцијата за преговорите со Бугарија. За премиерот Зоран Заев не е доволно Република С. Македонија, па сега услов за неговата партија да ја поддржи декларацијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ е во истата да стоело Северна. Со името кое проблематично за Заев, резолуцијата веќе е влезена во собраниска процедура и прифатена од спикерот Талат Џафери. Условувањето за Северна, според Заев не било инает, туку се работело за некаков негов принцип.
-(Доколку остане вака името ќе гласате ЗА?) Секако дека не. Не смееме и недозволиво е, не се работи за инает или не знам каков каприц. Се работи за принцип, се работи за Уставот, недозволиво е премиерот, владејачкото мнозинство, институциите на системот, да гласаат контра Уставот. Тоа испраќа порака дека го дерогираме целиот систем, изјави Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време се на ставот дека власта се обидува да најде начин како да не се донесе оваа резолуција, иако декларативно кажаа дека се за. Пратеникот Бране Петрушевски вели дека Заев на овој начин се обидува да добие време за пазарење со Бугарија.
-Суштината на самата резолуција се црвените линии за идентитетот, јазикот и историјата напишани од МАНУ, УКИМ и МПЦ. Заев да не се заглавува во формата игнорирајќи ја суштината. И секое одложување на нејзиното значи дека Заев се бори за простор за пазарење со Бугарија. Не би сакале да веруваме дека има некои подлабоки причини за опструирање на оваа резолуција, изјави Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ со резолуцијата бара да бидат поставени македонски црвени линии во преговорите со Бугарија, за заштита на македонскиот јазик, идентитет и националните интереси. Доколку оваа декларација се изгласа во Собранието од она што е таму запишано нема да смее да отстапи ниту една Влада.
Матеја Петровски