Нова помпа за уште едно пакетче вакцини од Србија, за кинеските нема абер, сега нова надеж гледаме во Русија

Министрите за здравство на Македонија и Србија, Венко Филипче и Златибор Лончар, лично го претоварија пакетчето со 3510 вакцини, од службеното возило на Лончар во комбето на Институтот за трансфузиона медицина. Оваа пратка е вториот дел од донацијата на 8190 дози од вакцините на Фајзер кои Србија и ги отстапи на Македонија. Со нив ќе се вакцинираат сите здравствени работници од ковид центрите.

„До сега се вакцинирани околу 1300 здравствени работници и со динамика помеѓу 250 и 300 здравствени работници на ден продолжуваме и понатаму“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Но, загрижува фактот дека ниту денеска, министерот Филипче немаше конкретен одговор кога во Македонија ќе стигнат најавените вакцини од Кина. Надлежните сега спас ќе бараат кај производителите во Русија.

„Во делот на кинеските вакцини постои интензивна комуникација и уште една размена на писма така да очекува дека за кратко време ќе го добиеме и дефинитивниот датум во кој што ќе стигнат и оваа количина на вакцини. И во делот на руските вакцини, како што најави премиерот Заев, количина од 100.000 вакцини Спутник ќе набавиме, веќе го добивме драфт договорот и за тоа денеска ќе има затворена седница на Владата и владата треба истиот да го усвои“, вели Филипче.

Нема да се реализира ниту најавената испорака на 5800 вакцини нарачани директно од производителот Фајзер, кои беа планирани да дојдат во Февруари. Министерот вели, фабриката го намалила производството, па затоа вакцините ќе доцнат.

За разлика од Филипче, кој не сакаше да шпекулира со рокови, неговиот колега Лончар се пофали оти граѓаните во Србија може да избираат вакцини од четири различни производители.

„До сега имаме набавено над 2 милиони дози вакцини од четири различни производители, Фајзер, Астра Зенека, Синофарм и Спутник. До сега вакцинирани се повеќе од еден милион граѓани“, рече српскиот министер за здравство, Златибор Лончар.

Инаку, Филипче призна дека новата британска мутација доминира во земјава и оти процентот на заразени се зголемил, но вели за воведување на нови рестрикции допра ќе се размислува.

Биљана Божиновска

Advertisements