Нова донација од Србија – 20 илјади дози на „Спутник В“

Србија ни даде двојно повеќе вакцини од колку што Македонија успеа да обезбеди досега. 20 илајди вакцини од Спутник В како нова донација од Србија изненадувачки пристигнаа во земјава. Премиерот Заев рече дека уште 20 илјади дози од руска вакцина ќе ни достави Србија во наредниот период. Според Заев најновата српска донација е важна за Македонија за да не се прекине масовната вакцинација.
“Очекуваме во текот на овој месец да стигнат првите 20-25 илјади од вкупно 100 илјади вакцини од Европската унија и сите 200 илјади вакцини од Кина, како и следните количини од „Спутник В“ и вакцините од „Фајзер“, од кои имаме нарачано 800 илјади. Ќе се набават и дополнителни 500 илјади од втората кинеска вакцина „Синовак“, со што ќе се заокружи бројката од 2,6 милиони вакцини, за 1,3 милиони граѓани. Од нашите набавки на вакцини досега имаме добиено два пати по 3 000 од „Спутник В“ и 24 илјади од КОВАКС механизмот, додека во текот на мај, ќе стигнат дополнителни вакцини.” рече премиерот Зоран Заев.
Во однос на вакцинацијата, многу сомнежи се појавија во јавноста дека дел од владините функционери се имаат веќе имунизирано – но премиерот тоа го демантираше. А на прашањето зошто не се објавуваат јавно лицата кои досега примиле вакцина, Заев одговори:
“Не смееме да дозволиме заради какви било лажни вести, кои се присутни насекаде, да нарушиме одредени човекови или здравствени права на граѓаните. Ако системот тоа го дозволува, ќе кажам на институциите и тоа ќе го направиме, а, ако не дозволува, тогаш секој функционер може поединечно да се изјасни и каже.” – кажа Заев.
Инаку, Македонија досега има вкупно 78.000 вакцини, од кои 48.000 се донација од Србија. Со руските вакцини ќе се вакцинираат вработените во МВР, АРМ, медиумски работници, судии, обвинители, возачи на ЈСП, вработените во патарините и градинките. Имунизацијата ќе почне во понеделник во салата Борис Трајковски.
Ања Василева