Нова доктрина на ВМРО-ДПМНЕ за развој на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ како партија влегува во втора епоха, во која ќе направи општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец во земјата, порача по реизборот на чело на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Лидерот на опозицијата вели дека во новата програма најважно е мобилизирањето на сите граѓани. Според Мицкоски, во центарот на втората епоха ќе бидат слободата на индивидуата и слободната волја за изразување на капацитетите кои ќе бидат во насока на градење на државата.

-Се бориме за Македонија каква што сакаме да ја видиме низ нашата доктрина која денес ја носиме. А доктрината не е само нашиот буквар, туку и нашиот двоглед кон иднината. Доктрина која ВМРО-ДПМНЕ ја сместува меѓу прогресивните партии во европското општество. Доктрината ја дефинира нашата борба за заеднички напредок и идеолошко и суштинско делување соочени со современите предизвици, изјави Мицкоски.

Мицкоски го претстави и концептот на заеднички патриотизам, велејќи дека целта е служењето на народот. Вели потребен е нов дух, дух на тој заеднички патриотизам. Порачува дека секој во иднина ќе треба да работи напорно и да се грижи еден за друг.

-Заедничкиот патриотизам не е само празна флоскула туку филозофија врз кој почива оваа втора епоха. Заедничкиот патриотизам е да создаваме едно искрено пријателство подавање на рака едни со други во име на напредок кој заеднички го сакаме. Заедничкиот патриотизам значи создавање на имунитет кон секој обид на манипулација на власта кон етничките прашања кои нè разединуваат, изјави Мицкоски.

Мицкоски кажа дека пред државата се големи предизвици како економската и енергетската криза, ковидот кој никако да престане. Порача дека Македонија мора да фати приклучок, да се адаптира на новиот свет и така да ги исправи своите недостатоци. Мицкоски ги објави и целите кои ВМРО-ДПМНЕ ги има во однос на економијата и образованието.

-Нашата цел и визија како партија ќе биде да се бориме во една временска дистанца да постигнеме економски стандард како во една Австрија. Нашата цел како дел од тој нов договор и консензус е намалување на персоналниот данок и на данокот на добивка на 8%. Данокот за млади луѓе да биде 0%, а секоја година по стабилизирањето на економијата да имаме раст до 6%. Да постигнеме едноцифрена невработеност. Во образованието да имаме универзитет во првите 500 според Шангајската листа, бидејќи денес за жал немаме ниту еден во првите 1000, изјави Мицкоски.

Доктрината не е само нашиот буквар, туку и нашиот двоглед кон иднината, што ќе помогне ВМРО-ДПМНЕ да биде сместена меѓу прогресивсните партии, дециден е Мицкоски за политичкиот документ. Новата доктрина на партијата е составена од 16 точки, Марјан Ѓорчев, Илија Димовски и Рашела Мизрахи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста