Нов удар врз граѓаните – струјата ќе поскапи за најмалку 5 отсто

Струјата ќе поскапи за најмалку 5 проценти, односно  50 денари на сметка од 1000 денари,  доколку Регулаторната комисија ги прифати барањата од компанииите кои стигнале до нив. Но, конечното покачување ќе се знае во втората половина на јуни кога ЕСМ ќе го распише тендерот односно тоа ќе зависи од понудите на државните електрани. МЕПСО бара 143 проценти зголемување на цената  од Регулаторна, МЕМО сака 45 процентно, а електродиструбиција  покачување за 0.95 проценти.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски,  вели ќе ги разгледаме барањата и ќе одлучиме што е прифатливо а што не- крајната одлука ќе се знае идната недела.

Бислимовски се правда  дека според новиот закон одлуката за покачување не е само во нивни раце.

„ РКЕ нема да прифати никакви дополнителни трошоци кои не се однесуваат директно на дистрибуцијата и преносот на струја. Сепак, најголемо влијание на крајната цена на струјата ќе има понудата на ЕСМ, односно цената по која ЕСМ ќе ја продава струјата на универзалниот снабдувач во следните шест месеци“, посочи Бислимовски.

Регулаторна учествува во формирањето на цената со 38 проценти додека одлуките за поскапувањето кои се  надвор од надлежностите на комисијата се 62 отсто.  ЕСМ како универзален снабдувач за годинава има обврска да учествува со 70 проценти од потребите на снабдувачот,  а во формирањето на цената има улога со  скоро 43 проценти, а обновливите избори со 7,3 отсто ќе ја дадат финалната цена на поскапувањето. Во поскапувањето учествува и „ЕВН ХОМЕ“ со маржата и балансирањето, додека пренесените трошоци и корекцијата се одлука на Комисијата.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, веќе кажа дека се надева дека во нивниот дел ќе нема покачување, но ако тоа  се случи, топката ја префрла кај Бислимовски – вели одлуката за цената на струјата ја носи Регулаторната комисија. Тој уверува дека се прават напори ЕСМ повторно да испорача 100 отсто електрична енергија по цена која им ја регулира Владата.

– Сметам дека и годинава ќе ја стабилизираме цената да нема зголемување или ако тоа евентуално се случи, за што одлучува Регулаторна, да биде нешто минимално во факторот на корекции – изјави Ковачевски.

Бислимовски  признава дека Енергетската заедница им забележува дека Регулаторната комисија не треба да учествува во финилизирањето на цената на струјата.

Во споредба со земјите во регионот, Македонците плаќаат поскапа струја од граѓаните на Србија и Косово, каде цената за кило- ват час е 4,7 односно 3,7 денари. Ланското покачување на цената на струјата од 7,4 проценти создаде револт кај македонските граѓани и се протестираше неколку пати пред зградата на Регулаторната комисија.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста