Нов удар од Бугарија: 24-ти мај официјално прогласен како ден на бугарската азбука

Светите браќа Кирил и Методиј ја напишале бугарската азбука, барем според бугарскиот Парламент. По ветото кое и го испорачаа на Македонија, Бугарија со уште една провокација. Изгласан предлогот за преименување на празникот кој досега се славеше на 24 мај, како Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо, во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, за бугарската азбука, образование и култура, и за словенската литература.

Ова доаѓа само два дена откако Бугарија ја блокираше Македонија. А токму еден од условите на источниот сосед е македонскиот јазик, за кој тврдат дека има корени од бугарскиот. Чекор подалеку оди Каракачанов, преку соопштение на неговата ВМРО- БНД, вели дека македонскиот јазик, бил бугарски дијалект.

-Бугарската наука недвосмислено го дефинира таканаречениот македонски јазик како регионална форма на бугарскиот јазик. Тоа е позиција и на Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науки. Освен тоа, официјалната политичка позиција на Бугарија во текот на целото независно постоење на Македонија, потврдена и од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, е непризнавање на таканаречениот македонски јазик, велат од ВМРО-БНД.

За Софија не е проблем во моментов ние како народ да се самоопределиме каков јазик зборуваме, но бараат македонскиот да не биде запишан во официјалните документи, но и да признаеме до 1944 година сме говореле бугарски и сме имале бугарска историја.

-Историјата е заедничка, но треба да утврдиме каква е. Таа е бугарската историја. До 1944 година историјата ни е заедничка, но таа е дел од бугарската историја, изјави Каракачанов.

Додека власта молчи, гласот цело време го креваат македонските лингвисти, одамна предупредуваат дека е потребно, на хартија да се стават црвените линии околу македонскиот јазик

-Време е да се направи македонистички конгрес на кој ќе поканиме научници од целиот свет и особено од ќе ги поканиме колегите од Бугарија. Ние научниците оперираме со факти, да видиме на крајот на краиштата што е што. И конечно, ние лингвистите треба да ги зацртаме заеднички нашите црвени линии, кои вака ги зборуваме, меѓутоа да ги ставиме на хартија. Одамна познати, не е лошо да ги ставиме на хартија ако треба, за да се знае, изјави Снежана Велковска од Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков, на 19 октомври 2020 година.

Георги Гоков од партијата БСП се спротивставил на промената, но не поради текстот на законот, туку наведувајќи дека Законот за работни односи не е место за решавање на историски спорови.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста