Нов скандал „Бисера Антоанета“: куфери, чорапи, луксузни подароци купувала Костадиновска Стојчевска со службена картичка
Аздисаност и раскош со пари од буџетот. Бисера Костадиновска Стојчевска како француската кралица Марија Антоанета. Си се шетала низ Лондон и си истерала личен шопинг со народни пари. Си се подновила со нова гардероба, долеш веш, хулахопки, си купила два нови куфери за следните патувања. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека поранешната министерка за култура за време на 4-дневен службен пат во Лондон лани во октомври, со службената картичка ВИЗА потрошила 714 евра. Овие пари не биле потрошени за некакви службени потреби, туку баш напротив, за личен ќеиф. Списокот за шопинг е долг и помалку бизарен. Поранешната министерка влегувала од продавница во продавница и си купувала се што и требало, а тоа биле од фудбалска топка, плишано мече и дијадема, па се до чанта за милениче. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека неа и било платено сместувањето и оброците, а овие трошоци биле дел од сметките за репрезентација.
„Бисера Антоанета потрошила 714 фунти, исклучиво за лични потреби, во Продавницата Gift Galore London потрошени се 89 фунти и купени се фудбалска топка – city football и плишено мече – Paddington bear и двете платени од службената картичка ВИЗА. Шопинг манијата на Бисера Антоанета не запрела тука, туку продолжила и во познатата продавница за куфери Samsonite, каде министерката со средства од Буџетот решила да се поднови со два куфара еден голем Upscape spiner 68/25 Black во износ од 219 фунти од службената картичка и еден помал од истата линија во износ од 59 фунти платен во кеш од службените парични средства“ – вели Миле Лефков – ВМРО-ДПМНЕ.
За овие трошоци, поранешната министерка доставила фискални, но за шопингот во продавница за подароци, како доказ го прикажала само слипот од платежната картица.
„Во GIFT BOX во Лондон, продавница за подароци потрошени се 146 евра од службената картичка ВИЗА за ова трошење нема доставена никаква сметка тука само слипот од платежната картичка. Исто така потрошени се 158 фунти платени во кеш од службените парични средства во Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter за подароци како што се раквици, маички, ташна за милениче, изгубената дијадема и сл.“ – рече Миле Лефков – ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, ВЕЛАТ дека согласно Уредба регулирано е трошоците кои ги прави министерот да не можат да надминуваат 60 евра, а функционерот е должен да се раздолжи по рок од 7 дена по враќањето од службен пат. Бисера Костадиновска Стојчевска во неколку наврати го пречекорила дозволеното ограничување, а се раздолжувала и по неколку месеци. Парите потрошени за неколку дена за личен шопинг со народни пари, се еквивалент на буџетот кое просечно македонско семејство го троши за еден месец за сите потреби. Од ВМРО-ДПМНЕ во следните неколку дена ќе имаат повеќе прес конференции на кои ќе објавуваат за луксузирањата на екс министерката.