Нов предлог: Учениците до трето одделение да посетуваат редовна настава, а сите други да учат од дома

Редовна настава со физичко присуство за децата до трето одделение, учење од дома за сите други – ваква препорака дала Комисијата за заразни болести на утринскиот завршен состанок со претставници на Министерството за образование и наука. Дали ќе биде усвоена, останува да одлучат МОН и Владата.

Во меѓувреме, стручната фела лута на надлежните. Велат со месеци откако се креираат политиките за новата учебна година, никој не ги консултирал наставниците. Сметаат дека онлајн наставата е најдобро решение во услови на пандемија, но велат конечната одлука кој модел ќе се имплементира не треба да биде унифицирана одлука, туку индивидуална.

„Ако едно училиште е централно и има неколку подрачни училишта. Централното се наоѓа во градска средина, а другите се во рурална средина, веќе условите за работа не се исти. Значи, училишниот одбор може да донесе одлука централното училиште да го одбере овој модел, а подрачните друг модел на настава“, вели првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.

Според Неделков, Власта доцни со носење одлуки за образованието. Вели имале пет месеци да ги усогласат ставовите и да ги обучат наставниците за онлајн настава.

„Требаше малку порано да се почне со оваа работа, да го имаме тој план Б, за да има време и тие наставници кои што помалку ја владее информатичката технологија, да има време неговите колеги да му помогнат“, вели Неделков.

Граѓаните со поделени мислење – дел сметаат дека не е време децата да почнат со редовни часови, други пак велат школската година мора да почне на време.

Комисијата за заразни болести побара од надлежното министерство за образование список на сите училишта во земјава и бројот на ученици во секое поединечно школо за да се одлучи каде има услови за онлајн настава, а каде евентуално би се следеле часови со физичко присуство.

Одлука за старт со работа кај градинките ќе се носи следната недела.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста