Нов карван мигранти тргна кон САД, овојпат од Салвадор

Нова колона мигранти од централна Америка  тргна кон САД, овојпат од Салвадор. Групата која тргна синоќа од главниот град Сан Салвадор се состои од над 300 луѓе.

Претходно во средината на овој месец илјадници луѓе од Хондурас тргнаа од државата во голема колона и тие случувања станаа важно прашање пред изборите за Конгресот во САД.

Минатата недела и низ Гватемала се движеше група од Хондурас и во еден момент беа над илјада луѓе.

Трамп и неговата Републиканска партија се обидоа да ја стават миграцијата како едно од важните прашања пред изборите на 6 ноември на кои партијата ќе се бори да зачува мнозинство во двата дома на Конгресот.

Салвадорските групи се организирани преку социјални мрежи.