Нов инцидент– нападнато обезбедување и полиција во старата градска болница

Масовна тепачка во старата градска болница. По пцости и навреди кон дежурни лекари и сестри во клиниката „Свети Наум Охридски“, три лица во раните утрински часови со тупаници решиле да се пресметуваат со медицинскиот персонал, откако им било објаснето дека ќе треба да почекаат за да биде третиран пациентот што го донеле. Била повикана и полиција, па насилниците се пресметувале и „Алфите“, по што се приведени.

Од болницата за Алфа велат оти ова е само еден од нападите што речиси се секојневие во болниците. Апелираат да има полициско обезбедување, оти лекарите не се чувствуваат безбедно на работното место, па одбиваат да работат оти им е страв.

Ова е само последен во низата инциденти низ болниците во земјава. Минатата недела лекар беше брутално претепан во тетовската болница, а потоа пренесен на скопските клиники. Медицинска сестра пред шест дена беше нападната во Драчево. Периодов зачестија нападите кон лекарите и медицинскиот персонал, а од Синдикатите излегоа со барање до надлежните да ги заштитат здравствените работници, оти тоа е само дополнителна причина на докторите на медицина, да заминуваат од земјава.

Сања Трајковска Ставров