Нов долг од 45 милиони евра, утре треба да се вратат 32 милиони евра

Владата продолжува да се задолжува на домашниот пазар – овој пат за 45 милиони евра. И покрај тоа што планираше 26 милиони, министерството за финансии денеска понуди 12 месечни државни записи во износ од 39 милиони евра или 13 милиони повеќе, како и 3 годишни обврзници во висина од скоро 6 милиони евра. Веќе утре треба да се вратат скоро 32 милиони евра, а само во октомври доспеваат за враќање 121 милион евра.

Пред две седмици, Министерството за финансии се задолжи за околу 57 милиони евра, а само за камати од еврообврзницата која се издаде во јануари треба да се платат 96 милиони евра.

И додека експертите негодуваат зошто власта се задолжува, но парите не ги користи за капитални инвестиции, чија реализација за 8 месеци е само 23% од планираното за цела година, задолжувањата дома се случуваат на секои две недели.

Аналитичарите и странските инвеститори алармираат дека Владата мора да го намали јавниот долг од 48.8% од БДП кој одамна надмина 5 милијарди евра. И сугерираа на Владата дека и покрај тоа што не препорачуваат нови задолжувања за враќање на стари долгови, доколку го направат тоа, да биде што е можно поевтино.

Владата, пак, донесе нова среднорочна стратегија, со која самата на себе, си овозможи, во следните 3 години, да го зголеми јавниот долг до ниво од 55% од БДП.

Тања Попова