Нов црн рекорд во Македонија, дури 6-мина починаа од корона вирусот

Рекорден број на починати за едно деноноќие. Дури 6 пациенти ја изгубија битката со корона вирусот во последните 24 часа. Двајца починале на Инфективната клиника, тројца во Општата болница 8 Септември, а една на Клиниката за онкологија која починала пред два дена, но тестот стигнал вчера. Со ова бројот на починати се искачи на 71. Од друга страна бројот на заболени се намалува, а тоа за експертите е индикатор дека пикот на болеста поминал, но стравуваат што носи есента. Микробиологот Никола Пановски верува дека врвот бил достигнат пред десетина дена, кога беа регистрирани 107 ново заразени.

„Ако ги гледаме деновите од 8 до 17 има повеќе случаи на заболени отколку од 17 до 27ми и процентот на позитивни беше повисок. Континуирано десет дена имаме помал број на случаи и овие што се негативизирани што ги кажуваат дека се оздравени, иако јас не го признавам тоа дека се оздравени бидејќи тие не биле ни болни, биле само позитивни“, вели микробиологот доктор Никола Пановски.

Надлежните, пак повнимателни во прогнозите. Првиот човек во здравството, Филипче, вели рано е да се зборува за крај на болеста.

„Сее уште сме внимателни, искрено се надевам дека бројките така ќе продолжатѕ и дека овие мерки за носење на заштитна опрема ќе придонесат за намалување на бројот на заболени. Имаме некои проекции за тоа кога би бил крајот на епидемијата но дозволете за тоа да информираме во текот на следната недела“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Дека пикот на болеста минал признава и првиот човек на ГОБ 8 Септември, Христијан Костов. Таму во моментов се лекуваат 90-тина пациенти.

„Состојбата е константна веќе две недели со бројот на пациентите, претпоставувам пикот дека е поминат и дека помал број на пациенти коишто би се јавувале во нашиот тријажен центар“, вели тој.

Експертите се согласуваат дека вирусот ќе стагнира за време на летото, но предупредуваат дека постои опасност тој да се врати уште посилен во текот на есента. И властите очекуваат нов удар на есен, кога состојбата ќе биде покомплицирана оти во тој период активен е и сезонскиот грип.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста