Нов бегалски бран можен во Македонија- Турција ги крена рампите за мигрантите

Голем број мигранти од Турција тргнаа на својот пат кон Европа, откако турските власти соопштија дека ќе ги отворат границите за бегалците, најголем број од Сирија. Ваквиот потег доаѓа по вчерашниот инцидент каде загинаа 33 турски војници. На воздушниот напад од сириската армија, со одмазднички напади врати и Турција.

Иако одлуката се уште не е официјализирана, дека тоа ќе се случи најави и Омер Челик, портпаролот на партијата на Ердоган.

-Политиката на Турција кон бегалците е непроменета, но постојат некои околности поради кои не сме повеќе во можност да ги задржиме бегалците, изјави Челик, портпаролот на Партијата на правдата и развојот.

Ваквата одлука го отвора прашањето дали на Македонија и се заканува нова бегалска криза, по онаа во 2015 година. Патиштата на мигрантите од Сирија и неколку други земји водат преку Бугарија и Грција и Македонија. За познавачите на состојбите ситуацијата може да стане алармантна. Раби Седрак пред камерата на Алфа вели дека бегалците на македонската граница може да стигнат многу скоро.

-Тоа ќе случи многу побрзо од што ние мислиме. Ова веќе почна и за многу скоро ќе стигнат до граница. И сега има дел што ќе оди спрема Бугарија, а другиот дел треба да стигне од Грција и најверојатно ќе сака да влезе во Македонија. Доколку Грција не го почитува законот и не го имплементира како што треба ќе имаме ист проблем како во минатите години, Раби Седак.

Македонија секако не е посакуваната дестинација на мигрантите, односно би требало да е само транзит земја, но што доколку се случи сепак бегалците да останат. Според Седрак, тоа би бил тежок удар врз државниот.

А и самиот транзит до првата безбедна држава каде мигрантите биле пред да влезат на територија на Македонија би чинел доста скапо.

-Во земјите кои имаат низок до среден месечен приход оваа бројка ќе биде меѓу 8.500- 9.000 евра за еден емигрант за една година. Од друга страна депортација чини меѓу 3.000 и 4.000 евра, додаде Седак.

Грција и Бугарија решија да ги заострат безбедносните мерки на своите граници. Нашиот јужен сосед дури и го затвори граничниот премин Кастаниес на границата со Турција.

Министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов пак порача дека армијата е подготвена да испрати 1.000 војници на границата со Турција.

Македонскиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, изјави дека будно го следат процесот и доколку има потреба, полицијата била подготвена и материјално- технички и кадровски, за попречување на влез на нов бран мигранти.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста