Нобеловата награда за мир отиде во рацете на премиер, но не нашиот

Премиер но не нашиот. Нобеловата награда за мир заврши во рацете на Абиј Ахмед Али, претседател на Владата на Етиопија.

„Наградата се доделува поради одлучната и пресудна иницијатива за решавање на пограничниот судир со соседна Еритреја“, се наведува во образложението од норвешкиот Нобелов комитет за мир.

Наградата се додели за решавање на меѓусоседски спор, но не македонско – грчкиот. Минатото лето беше потпишан договор за обнова на дипломатските односи меѓу Етиопија и Еритреја со што официјално се стави крај на дводецениското непријателство меѓу двете источноафрикански земји.

Пред да биде соопштен добитникот светските медиуми шпекулираа со името на тинејџерката Грета Тунберг која се прослави со нејзината борба со климатските промени. Нашиот премиер никогаш не беше во фаворитите.

„Работата на Нобеловиот комитет никогаш не е лесна… На денот кога ја објавуваме наградата никогаш не коментираме за оние кои не ја добиле или кои би можеле да ја добијат наградата“ изјави Берит Реис – Андерсен, претседавач на комитетот за Нобелова Награда.

Македонскиот заедно со тогашниот грчки премиер беа номинирани од приватниот универзитет ФОН кој за ова ја ангажираше поранешната добитничка на наградата, Уидад Бушамауи од Тунис, која лобираше.

Заев тогаш се сретна со неа и изјави дека оваа иницијатива била мотив повеќе за успех на Преспанскиот Договор. Сето ова се случуваше неколку месеци по неуспешниот референдум, во периодот кога власта правеше калкулации како да го обезбеди потребното мнозинство за промена на Уставот а со тоа и на името на Република Македонија.

По соопштувањето на добитникот македонскиот упати честитка до етиопскиот премиер преку Facebook.

„Останува мојата и заложбата на Владата на Северна Македонија, со поглед напред, а не назад, за градење долготраен мир, стабилност и просперитет за граѓаните на нашата земја и за граѓаните од регионот“, напиша меѓу другото премиерот на Facebook.
Македонија сепак има добитник на Нобелова награда за мир. Таа, во 1979-та, и припадна на Мајка Тереза.

Меѓу досегашните добитници се и Барак Обама, Кофи Анан, Михаил Горбачов, Јасер Арафат, 14-от Далај Лама, а како институции Европската Унија, Обединетите Нации, Црвениот Крст.

Никола Крстиќ