Ниту збор од МОН како ќе стартува учебната година

Ниту збор од Министерството за образование како учениците ќе ја следат наставата – онлајн или со физичко присуство. Додека преземањето мерки за заштита од вирусот се сведува само на рестрикции во угостителските објекти, на две недели пред стартот на учебната година неизвесноста останува. Ниту родителите и учениците, ниту пак наставниците знаат дали училиштата ќе ги отворат вратите на први септември.

Алфа многу пати се обидуваше да добие одговори, но залудно. Веќе 10 дена, службите за односи со јавност во МОН, како да не постојат. Нема одговор на испратените прашања до официјалниот мејл на Министерството, не одговараат ниту на нашите повици. Родителите и учениците бараат одговори зошто и оваа година се чека до последен момент да се соопшти како ќе се одвива наставата, а не се појавила ниту министерката Царовска.

Според трите сценарија кои МОН ги објави уште во јули, епидемиолошката состојба со вирусот ќе биде пресудна дали ќе има настава со физичко присуство. Бројот на заразени продолжува да расте, а и министерот Филипче алармираше дека ни претстојат недели во кои ситуацијата може да биде критична. Уште повеќе загрижува фактот што четвртиот бран удри и врз помладата популација за што лекарите постојано предупредуваат.

Инаку, во игра се три опции како ќе започне учебната година – целосно физичко присуство, целосна онлајн настава или комбиниран модел во кој една недела ќе се учи онлајн а една недела со физичко присуство. Имајќи предвид дека 40% од наставниците не се вакцинирани, се чини дека нема да биде можно од 1 септември наставата да се одвива нормално со физичко присуство.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста