Ниту Заев не кажа зошто СДСМ неаргументирано ја нападна Алфа

Пука во медиумите а вели се борел за нивна слобода – поп атакот врз Алфа Заев конечно пред нашиот микрофон. Зошто напаѓа неаргументирано, не одговори. Се правдаше со познатата реторика неговата Влада минативе 2 и пол години, направила многу за слободата на медиумите, на што бил посебно горд. Се поставува прашањето дали слобода на медиумите е етикетирање на национална телевизија поради тоа што е критички настроена кон власта?

Иако сега од СДСМ се пишманат, Алфа претходно од прес салата во седиштето на партијата беше прогласена за антидржавен елемент, кој се финансира од црни пари и шири лажни вести, кои според Заев оставале трајни последици.

-Лажните вести уништиле цели држави, уништиле цели општества, уништиле семејства и нанеле трајни последици. Кога ќе се појават тие лажните вести секогаш треба да ги посочиме, ќе ги коментираме и ќе ги кажуваме, изјави Заев.

Поранешниот премиер порача дека лажните вести требало да се посочуваат, коментираат и кажуваат. Алфа повторно реши да помогне и да го послуша советот на Заев, во борбата против лажните вести кои уништуваат држави, семејства и цели општества, како што лидерот на СДСМ. Еве еден од примерите како изгледа „фејк њуз“ користен во предизборна кампања.

-Што се однесува до Уставот, гарантирам, одличен Устав имаме, европски Устав. Уставот нема да дозволам никој да го смени. Уставот ќе се почитува, Уставот ќе се спроведува. Нема менување на Уставот, бидете спокојни, не дозволувајте режимот повеќе да ве лаже, велеше Заев во 2016-та година.

За потсетување, постигнувајќи го договорот од Преспа, токму Зоран Заев прифати менување на Уставот поради промена на уставното име на државата. Заев се фалеше и дека Македонија добила датум за старт на преговори со Европската унија. Инаку, лидерот на владејачката партија, кој вели се залага за слобода на медиумите, се уште ја нема прифатено поканата од Алфа телевизија за дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на 12 март. Денеска не кажа дали прифаќа да седне во Алфа со Мицкоски.

-Јас заедно со нашите пи-ар тимови определуваме кога е погоден момент за воспоставување на дуелите, изјави Заев.

Инаку претходно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја прифати поканата за дуел со Заев пред камерите на Алфа телевизија.

Матеја Петровски

Advertisements