Ниту вакцини, ниту кампања – Македонија и натаму чека
Детали и конкретен датум за испорака на 200.000 кинески вакцини кои ги очекува Македонија се уште нема. Иако, здравствените власти уверуваат дека имунизацијата кај нас ќе почне до крајот на февруари.Ниту вакцините од КОВАКС-механизмот не се знае кога ќе бидат испорачани, единствено од таму појаснија дека Македонија ќе добие вкупно 103.200 дози, сите од Астразенека. Уште ги нема ниту вакцините што ни ги вети Србија.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски не го криеше разочарувањето зошто Македонија се уште нема добиено вакцини, а од друга страна други земји почнаа со имунизација на населението.
„Имаме нула вакцини. Еве гледате дека Багналдеш почна да се вакцинира, ние се уште чекаме. Денеска добив информација од Кина дека се бара компанија посредник за да ги донесе вакцините тука, за да можат да летаат куферчиња во еден ресторан во југо-источна Македонија” – кажа лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во меѓувреме, од СЗО алармираат дека Европа мора итно да ја забрза кампањата за вакцинација. Но, во Македонија нема ниту кампања ниту вакцини. Шефот на СЗО за Европа, Ханс Клуге рече дека е загрижен за влијанието на новите варијанти на вирусот врз ефикасноста на вакцината.
„Мораме да ги здружиме силите за да ја забрзаме вакцинацијата. Конкурентските фармацевтски компании мора да ги обединат своите напори и значително да ги зголемат производните капацитети – тоа е она што е потребно.Ние исто така мора да се подготвиме за нови мутации на вирусот” – вели Клуге.
Клуге го повтори повикот на СЗО до богатите земји да се солидаризираат со сиромашните земји кои не се во можност да купат вакцини, барајќи од богатите да ги споделат своите дози откако ќе вакцинираат дел од сопствената популација.
Дека имало пропусти на европско ниво во набавката на вакцината против коронавирус за прв пат призна и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
„ЕУ ги потцени компликациите што можат да се појават при производството на вакцината“ – рече таа во интервју за германски „Зидојче цајтунг“.
Инаку, Македонија во најоптимистичката варијанта, за имунизација од март до јули на располагање ќе има околу 320.000 вакцини за 160.000 граѓани – што нема да покрие ниту 10 отсто од населението. Неофицијално за вакцинирање, македонските граѓани ќе треба да се пријавуваат онлајн.
Ања Василева