Ниту најновата гаранција не е доволна за Кривичен: Орце Камчев останува во притвор во Шутка

Ниту гаранцијата од речиси 2 милиони евра не е доволна за судот да го пушти Орце Камчев од Шутка. Неговата одбрана понуди точно 1,8 милиони евра гаранција, за бизнисменот место во затворски да биде во куќен притвор. Но, и покрај оваа милионска сума, една од највисоките понудени гаранции во Македонија, Кривичниот суд сепак реши повторно да го одбие Камчев.

-Кривичниот совет постапувајќи по предлогот на одбраната за кој се интересирате донесе првостепено решение со кое предлогот за укинување на мерката притвор и замена за друга мерка за обезбедување присуство се одбива, информираа од Кривичен суд.

Одбраната на Камчев, веќе подолго време предупредува дека врз бизнисменот се врши репресија со неговото држење во Шутка и покрај лошата здравствена состојба. Она што според неговиот адвокат Еленко Миланов дополнително  фрла дамка на целиот случај е што кривичниот процес и обвинителниот акт за овој предмет воопшто не смеел ниту да биде покренат. Причината за ова  е што целото обвинение се темели на исказ на поранешниот премиер Никола Груевски, но само во предистражна постапка кога тој бил сослушуван за сосема друго дело. Односно, за случај злоупотреба, а не перење пари кое сега им се става на товар на обвинентите.

-Неспорен факт е дека оваа постапка која што стои во документацијата, која што во судот е започната со наредба за спроведување на истрага која што е донесена на 16-ти октомври 2020-та година. Во тој момент, кога оваа наредба како посебен предмет е отворена постапката и тој воопшто не можел да биде сослушан во врска со овој предмет, изјави Миланов.

Камчев веќе половина година е во притвор, а ова му е втора финансиска гаранција која судот ја одби. Тој и неговите адвокати сепак се уште имаат некаква надеж, бидејќи во рок до три дена имаат право на жалба до Апелациониот суд, кој ќе одлучува дали Камчев ќе излезе од Шутка.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста