Ниското сонце на хоризонтот носи голема опасност при возење

Температурите кажуваат поинаку, но вистина е дека веќе возиме во зимски услови. Тоа секако дека се однесува на положбата на сонцето на хоризонтот. Во есен и зима, сонцето е пониско и во одредени периоди од денот е голема опасноста за возачот да биде заслепен од силната светлина, при скршнување додека вози во град или по некој свијок на отворен пат.

Статистиките покажуваат дека заслепувачкото сонце било најчеста причина за незгода, во услови кога од надворешно влијание е намалена прегледноста за возачот, во периодот рано наутро или доцна навечер. Дополнителна сериозност додава фактот што тоа се периоди од денот во коишто е најобемен сообраќајниот тек и најголем е уличниот метеж.

Обичната вода во садот за миење на стаклата не помага, туку само за замачкува нечистотијата и може да предизвика затнување на системот

Неколку едноставни совети помагаат да се задржи безбедноста во возењето во овие услови. Единствено треба да се внимава ветробранот секогаш да биде чист, бришачите да не бидат крути и напукнати, односно да бришат добро, а секако дека треба да се внимава и садот за течност за миење на стаклата да биде полн. За последново сепак треба да се користи посебно средство, соодветно на сезоната, затоа што доколку се користи обична вода само се замачкува нечистотијата и мрснотијата, а воедно се таложи бигор во системот.

За споредба, другите случаи во коишто од надворешни влијанија е попречена прегледноста за возачот е неправилно паркирано возило што го блокира погледот, заслепеност од долги или неправилно насочени светла, прскање од други возила или дожд, снег и магла.

Возачите исто така треба да го приспособат своето возење, одржувајќи подолго растојание, користејќи ги штитниците за сонце и секако, возејќи побавно.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста