Ништо од донација или купување нови апарати за дишење

Ништо на виделина од донација или купување нови респиратори за дишење. Во очекување на пикот на заболени со корона како што најавуваат надлежните, нема конкретни информации кога ќе стигнат долгонајавуваните респиратори.

Власта не успеала да најде начин норвешката помош од 25 апарати, заглавена во Турција да ја донесе во Македонија. Вицепремиерот Бујар Османи кој минатиот месец најави дека со Турција преговараат како да ги испратат респираторите поради како што рече отежнатиот транспорт преку земја, денеска ретерира, апаратите за дишење нема, оти Турција не сакала да ги даде.

Османи тврди дека повторно преговарале со Норвешка, но не објасни дали пак да ни донираат респиратори или да купиме од нив. Што се однесува пак до по којзнае кој пат најавениот тендер за набавка на нови респиратори, Османи непрецизен. Ќе било појасно денеска или утре.

Дополнително вели чекале и од ЕУ да стигнат 20 апарати за дишење, но не одговори ни по која цена, ниту пак кога тие ќе бидат и испорачани.

Катерина Гетева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста